Марин: Сакаме да се приклучиме кон НАТО заедно со Шведска

 

Финската премиерка Сана Марин изјави дека целта на Финска е да се приклучи кон НАТО заедно до нејзиниот сосед Шведска.

- Финска таа желба јасно ја стави до знаење на Турција и Унгарија“, изјави Марин на Минхенската безбедносна конференција.

И претседателот на Финска, Саули Нинисте со истата порака пред учесниците на Конференцијата, нагласувајќи дека со таква намера двете земји ги поднеле апликациите за членство во НАТО и оти неговата земја сака заедно со Шведска да влезе во најголемата воено-политичка Алијанса во светот.

Сепак, Нинисте напомена дека тоа е нивна желба и намера, но како ќе се одвива процесот не зависи целосно од нив, односно зависи од тоа колку Турција ќе го смени својот став за одвојување на двете држави.

Нинисте, како што јави известувачот на МИА од Минхен, напомена дека се надева дека двете земји заедно ќе влезат, но дека сепак, одлуката е и на Турција, но и на Унгарија, а Финска, како што кажа, веќе ја поднесе апликацијата и не може да ја повлече.

- Ние ја изразивме нашата волја да влеземе заедно со Шведска, нема да бараме, ниту прифатиме одвојување. Тешко ќе ни биде ако кажат „да“ за нас, а „не“ за Шведска, но ние не можеме да ја повлечеме апликацијата, рече Нинисте.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на заедничкиот панел во Минхен со претседателот на Финска, посветен на темата „Над Алијансата, зајакнување на партнерството за европската безбедност“ изрази надеж дека на самитот на НАТО во Вилнус, кој треба да се одржи за околу пет месеци, ќе заврши процесот за пристапување на Финска и Шведска во Алијансата.

Шведска и Финска лани во мај ги поднесоа барањата за членство во НАТО. Досега нивните барања ги ратификуваа парламентите на 28 земји-членки, а тоа треба да го сторат уште Турција и Унгарија.

Турција го условува ратификувањето со испорачување на осомничени терoристи на Анкара, а најави дека постои можност да го ратификува барањето на Финска, но не и на Шведска, поради заострување на односите меѓу Стокхолм и Анкара по протестот во Шведска во јануари, на кој е запалена светата исламска книга, Куранот. 

18.02.2023 - 14:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега