Маричиќ од Стразбур: Посветени сме на преговорите, но потребен е национален консензус за ЕУ

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес во Стразбур учествуваше на одржувањето на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, прв откако Македонија ги отвори преговорите со Европската Унија.

Во Европскиот парламент вицепремиерот Маричиќ имаше свое обраќање по точката: „Размена на мислења со претставници на Владата на Република Северна Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ“, во кое нагласи дека Парламентот ќе биде клучен партнер во пристапувањето во Европската Унија, од кого ќе зависи динамиката на текот на преговорите, особено од улогата и активноста на неговите тела - Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции.

„17 години Северна Македонија го чекаше почетокот на преговорите со Унијата, сега мора да се има национален консензус и ќе дефинираме механизми за сите пратеници да се вклучат во процесот. Овој историски момент за исполнување на стратешката цел-Северна Македонија да биде членка на ЕУ и треба да го искористиме“, рече Маричиќ.

Маричиќ ја претстави новата усвоена преговарачка структура, која е дефинирана да одговори на новата методологија и истовремено да овозможи транспарентност и инклузивност на процесот, за кој, рече дека е потребно вклучување и соработка со различни чинители како што се граѓанското општество, академската и бизнис заедницата и сите други засегнати страни, по што ја потврди посветеноста на Владата во обезбедувањето непречен процес на преговори со Унијата паралелно со одржувањето на добрососедските односи и реализацијата на преземените обврски. Воедно ги претстави и активностите кои Владата ги реализира во одредени поглавја и постигнатиот напредок, како и планираните активности во претстојниот период во продолжение на објаснувачките состаноци, се вели во соопштението.

Пратеничката Соња Мираковска, копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија-ЕУ, изрази задоволство што овој пат македонските пратеници учествуваат на состанокот, кога Северна Македонија има поинаков статус во евроинтеграциите, како земја која ги отпочнала преговорите за членство во ЕУ, потенцирајќи дека тоа е благодарение на државничките одлуки и чекори кои беа преземени од страна на македонските институции во изминатите месеци.

„Свесни сме дека пристапните преговори не се едноставна техничка операција, туку комплексен пакет на реформи, адаптација на институционалната инфраструктура и засилена информативна активност во јавноста за предностите од нивното спроведување, рече Мираковска.

 

 

05.10.2022 - 19:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега