Кремљ: Никогаш не сме се заканиле на Финска
Kремљ ја обвини Финска дека го избрала патот на конфронтација со Русија, откако Хелсинки објави дека од полноќ планира да затвори четири премини на заедничката граница. Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, рече дека Финска прави „голема грешка“.
„Може само да се изрази длабоко жалење што финските власти тргнаа по патот на уништување на билатералните односи“, го цитира руската државна новинска агенција „ТАСС“. Песков истакна дека двете земји отсекогаш имале заемно корисни и почитувани односи.
„Русија никогаш не и се заканувала на Финска во модерната историја, немавме причина за каква било конфронтација. Сега тие го избраа овој пат. Од наша гледна точка, ова е голема грешка“, додаде тој.
Одлуката за затворање на граничните премини дојде откако Хелсинки ги обвини руските власти дека упатуваат мигранти во Финска како одмазда за нејзината одлука да ја зголеми одбранбената соработка со САД.
Кремљ категорично ги отфрли ваквите обвинувања. Финската гранична стража најави дека ќе бидат поставени бариери на четири од деветте премини за да се спречи влезот. Околу 300 баратели на азил, главно од Ирак, Јемен, Сомалија и Сирија, пристигнаа во Финска оваа недела, според граничарите.
Речиси 100 од нив влегле од Русија само до денеска напладне, според финските власти. Барателите на азил кои пристигнуваат преку Русија од утре ќе можат да ги поднесуваат своите барања само на двата северни гранични премини, Сала и Вартиус, изјави Мати Питканиити, шеф на граничната стража за меѓународни прашања.
Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, вчера им се заблагодари на финските власти за заштитата на надворешната граница на блокот.
„Руската инструментализација на мигрантите е срамна“, рече таа. Граничните премини кои ќе бидат блокирани на полноќ се: Ваалимаа, Нуиџамаа, Иматра и Ниирала.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа