ЈП Водовод и канализација и Општина Аеродром со заедничка инвестиција за реконструкција на водоводната мрежа во Горно Лисиче
Директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска извршија увид на работните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улица „Ѓорѓи Капчев“ во Горно Лисиче.
Реализацијата на оваа реконструкција, како што соопштија од ЈП Водовод и канализација, е заедничка инвестиција со Општина Аеродром и претставува само една од низата инвестиции кои претпријатието ќе ги спроведе за обнова на водоводната и канализационата мрежа во сопствено производство и соработка со општините во град Скопје.
Вкупната инвестицијата за реализацијата на овој проект изнесува 9.208.383 денари со ДДВ, а инвестицијата на ЈП Водовод и канализација – Скопје, како изведувач на монтажните работи, е во висина од 4.034.632 денари со ДДВ. Со реализацијата на проектираната реконструкција ќе се овозможи поквалитетно водоснабдување на постоечките објекти на улица „Ѓорѓи Капчев“ 1, како и четирите крака на оваа улица, преку изведба нанова мрежа со соодветен материјал (полиетилен) и профил на цевка од 110мм и 90мм совкупна должина од 579 метри.
Истовремено ќе се овозможат и услови за приклучување на објектите на новата мрежа, која по реализацијата ќе се поврзе на постоечката водоводна мрежа со дијаметар на цевка од 150мм на главната улица „Ѓорѓи Капчев“, информираат од ЈП Водовод и канализација и посочуваат дека продолжуваат со спроведување активности и реализација на проекти со цел подобрување на водоводната и канализациската мрежа, како и услугите за граѓаните на град Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа