Израелец чии родители ги уби Хамас: „Не барам одмазда, прекинете ја војната“

 

Израелскиот мировен активист Маоз Инон повика на прекин на војната меѓу Израел и Хамас, една недела откако неговите родители беа убиени од палестински милитанти. Хамас уби 1.400 луѓе откако започна ненадеен напад врз Израел на почетокот на овој месец. Милитантите зеле како заложници и речиси 200 луѓе.

Билха и Јакови Инон, родители на активистot, беа убиени за време на првиот ден од нападот на Хамас. Тие беа убиени во нивниот земјоделски колектив во Нетив Ха’Асара, северно од Газа, објави „Њујорк Тајмс“ минатата недела. Маоз во интервју за Би-Би-Си испрати помирувачки пораки.

„Не плачам за моите родители. Плачам за оние кои ќе ги загубат животите во оваа војна. Мора да ја запреме војната. Војната не е решение. Ве молам, ги замолувам сите гледачи и слушатели да направат се што е во нивна моќ, за да извршат притисок врз секој што е релевантен, веднаш да престане војната, да се замрзне ситуацијата“, рече тој.

Зборувајќи за масакрот – кој американскиот претседател Џо Бајден го опиша како „најсмртоносниот ден за Евреите по холокаустот“ – Маоз рече дека тој и неговите роднини не бараат одмазда за смртта на неговите родители.

„Како семејство не бараме одмазда. Одмаздата само ќе доведе до повеќе страдања, повеќе жртви. Иако тоа беше најстрашниот ден, најстрашната загуба на животи во Израел од основањето на земјата, се плашам дека бројките би можеле да бидат многу поголеми“, рече тој.

Повтори дека мора да се направи се, за да се запре војната, додавајќи дека стравува за „војниците, цивилите, од двете страни – Газа и Израел – кои ќе платат со своите животи“.

„Затоа плачам и затоа ми беше многу важно да давам интервјуа во ова многу тешко време, да апелирам на светот: Стоп за војната. Ве молам. Само прекинете ја војната“, заклучи тој.

16.10.2023 - 18:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега