Граѓаните во Кисела Вода ќе добијат нов современ затворен пазар

 

Во Општина Кисела Вода денеска беше одбележан почетокот на изградбата на нов современ затворен пазар, прв во последните 30 години.

Градоначалникот на Општината Орце Ѓорѓиевски истакна дека станува збор за капитален проект и оти  првпат во историјата неговите сограѓани ќе добијат современи услови за пазарење.

-Еден нов, модерен, ултрасовремен, затворен пазар, нешто што во мојата општина недостасуваше повеќе од 30 години и моите сограѓани го немаа. Тука од една страна го постигнуваме ефектот моите сограѓани, мојот народ овде во Кисела Вода да пазари во едни современи услови, какви што им доликуваат, а од друга страна и оние кои што се пазарџиите кои што го опслужуваат нашиот народ и го пласираат својот производ да имаат едни современи услови за пласман на своите производи, рече Ѓеоргиевски.

Тој се заблагодари и на Министерството за локална самоуправа кое што партиципира со дел од средствата во овој проект.

Во изборната програма, како што потсети Ѓеоргиевски, ветил дека во општината ќе изгради два вакви пазари.

– На истекот на првата година од мојот мандат веќе го почнуваме овој пазар кој што треба за два месеци да биде готов, а за многу скоро како медиуми ќе бидете повикани и во Драчево каде што ќе започнеме со изградба на уште еден ваков ултар модерен, современ, затворен пазар како што доликува за нашата современа општина, рече градоначалникот на Кисел Вода.

Според Ѓеоргиевски, 70 отсто од неговата програма е веќе реализирана и оти продолжуваат да работат со едно поинтензивно темпо за да се исполнат сите дадени ветувања и да се подобрат условите за живот на неговите сограѓани во Кисела Вода.

На одбележувањето на почетокот на изградбата на нов пазар присуствуваа и престедателот на Советот на Општината, како и Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, од каде доаѓа и Ѓеоргиевски.

Мицкоски изрази задоволство што присуствува на настанот.

-Како што самиот кажа многу амбициозно заедно со неговиот тим влегоа во овој мандат и огромен дел од програмата или е завршена или е во фаза на реализација или е отпочнато да се реализира, и нема да ме изненади ако на половина од мандатот тоа што беше ветено за четири години, го исполни. Тоа е добро и тој пример и примерот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ треба да го следат и останатите градоначалници кои што доаѓаат од другите политички партии, и оние кои што се независни, затоа што тие се гласани од граѓаните за да испорачаат проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните, рече Мицкоски.

19.10.2022 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа