Град Скопје гради нова атмосферска канализација по улицата 100 во Волково
Град Скопје отпочна со изградба на нова атмосферска канализација по улицата 100 во Волково, со што се реализира уште едно ветување од програмата „За модерно Скопје“.
„Станува збор за проект со кој се гради нова атмосферска канализација на улицата 100, од кружниот тек со улица 101 до преминот на пругата, во вкупна должина од 1650 метри, каде увид на терен изврши градоначалничката Данела Арсовска со тимовите од Секторот за уредување и планирање на Град Скопје и скопското јавно претпријатие Водовод и канализација.
Со овој проект се разрешува долгогодишниот проблем со кои се соочуваа жителите на ова населено место во општина Ѓорче Петров, каде по обилни дождови, доаѓаше до преоптоварување и излевање на фекални води. Дополнително, со изградба на атмосферската канализација се создаваат услови за идно приклучување на останатите линии во овој реон на новата атмосферска мрежа, со што дополнително ќе се подобри функционалноста на канализациониот систем.
Преку инвестициите во комуналната инфраструктура се надминуваат предизвиците со кои граѓаните се соочуваат со години и се потврдува програмската определба на Град Скопје за рамномерно развивање, со реализација на проекти и во урбаниот и во руралниот дел, особено проекти кои биле потребни, а не биле реализирани со децении“, стои во соопштението на Град Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа