ЕСМ: На три пункта во Скопје може да се потпишат новите договори за парно греење
Новиот снабдувач со топлинска енергија на градот Скопје, ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, како носител на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика има обврска да ги снабдува потрошувачите со топлинска енергија во согласност со Лиценцата, Законот за енергетика и актите кои ги носи Регулаторната комисија за енергетика.
Заради регулирање на потрошувачкиот однос на снабдувачот со потрошувачите утврден во Правилата за снабдување со топлинска енергија, потребно е да се склучи Договор за снабдување со топлинска енергија.
За таа цел потрошувачите на чии име се води парното греење во домот/објектот, потребно е да се обратат во пунктовите на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, каде во куса постапка ќе им биде приложен на потпис Договор со новиот снабдувач, кон кого ќе ја имаат обврската за плаќање на услугата, информираат утрово од ЕСМ во соопштение испратено до медиумите.
„Договорот е ист како и досега, и е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика.
За склучување на договорот потребно е да се понесе документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач.
Во Скопје постојат три пункта, со работно време од понеделник до петок од 08 до 18 часот и сабота од 09 до 13:30 часот, на следните локации: Пункт Центар на Ул.Кочо Рацин бр.33 - Олимписки базен, Пункт Исток на Ул. Јане Сандански бр.49-н.Аеродром и Пункт Запад на Ул. Лондонска бр.8-н.Тафталиџе.
Корисниците можат веднаш да пристапат кон пунктовите со цел склучување на договорите. Напоменуваме дека ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската, и дека доколку од различни причини корисниците не успеат да склучат нов договор до крајот на месецот, греењето непрекинато ќе се испорачува и во ниеден момент испораката нема да биде загрозена.
Корисниците кои нема да ги склучат договорите по овој повик, ќе бидат контактирани од снабдувачот ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, со цел да се изнајде термин соодветен за потрошувачите за склучување на договорот, со оглед на тоа што одредени корисници може да бидат отсутни во следниот период, или од различни лични, здравствени и други причини да не можат да се јават на пунктовите“, информираат оттаму.
„ЕСМ Снабдување ќе воспостави директни контакти, додека за корисниците кои не можат да ги напуштат своите домови ќе им излезе во пресрет и ќе им овозможи Договорот да го склучат во нивниот дом.
Поради повеќе прашања пристигнати до Службата за грижа на корисници, ги информираме корисниците дека не е правно возможно преземање на постоечките договори со претходниот снабдувач, односно е единствено можно да се склучат нови договори.
Новиот снабдувач во следниот период ќе воспостави и сопствен систем за он лајн наплата“, се додава во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа