Ескобар: Владата на Северна Макединија е добар партнер во спроведувањето на агендата за евроинтеграција на земјата

Северна Македонија ги направи сите неопходни реформи за да ја отвори првата врата кон ЕУ, а Владата има капацитет да го направи тоа што треба за земјата да стане полноправна членка на Унијата, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан. 

На настан посветен на евроатлантската иднина на регионот одржан синоќа во Атлантскиот совет во Вашингтон, тој изјави дека македонската Влада е добар партнер во спроведувањето на агендата за евроинтеграција на Северна Македонија 

-Тие се добар и посветен партнер и ќе обезбедат придобивки и за ЕУ, рече тој. 

Според него, процесот на пристапување треба да биде побрз, потенцирајќи ги внатрешните грижи во Унијата. 

-Има гласачи кои навистина се грижат што би направило проширувањето за нив. И мислам дека тоа е работа за сите нас да ги убедиме дека Европската Унија ќе биде посилна и ќе биде попросперитетна со овие земји, рече Ескобар, алудирајќи на Северна Македонија и Албанија.

Ескобар рече дека кризата во Украина само ја покажала зголемената итност за решевање на проблемите во регионот, како оние меѓу Србија и Косово, како и потребата да се забарзаат процесите што ќе го придвижат регионот во вистинската насока. 

Тој исто така потсети дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот, и да се тргнат од одговорните позиции. 

-Апсолутно. Тоа е важна алатка. Ефективна е. Мислам, не само што беше ефективно да се санкционираат поединци, туку ако погледнете дел од наративот што Министерството за финансии (на САД) го објавува заедно со одлуката, ќе ја видите длабочината на корупцијата, рече Ескобар. 

Тој го нагласи примерот со Босна и Херцеговина, каде политичари активно координирале и соработувале со организирани криминални групи. 

02.12.2022 - 16:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега