Eксперти: „Европа се соочува со нов бран на џихадистички тероризам, може да биде и полошо“

 

Германски експерт за тероризам предупредува дека ситуацијата во Европа може да стане подраматична поради војната на Блискиот Исток.

Нападот на божиќниот пазар во Берлин, Батаклан во Париз, шеталиштето во Ница – страшните терористички напади во 2015 и 2016 година однесоа животи на стотици невини луѓе во Европа. Германски експерт за тероризам сега предупредува дека работите би можеле да станат многу полоши.

Експертот за тероризам Питер Нојман, од Кралскиот колеџ во Лондон, стравува дека се соочуваме со нов бран на џихадистички тероризам во Европа.

„Може да биде уште подраматично од она што го доживеавме во средината на 2010-тите“, напиша тој на X.

Причината за песимизмот на Нојман лежи во војната на Блискиот Исток, пишува „Bild“.

Тој ја спореди денешната ситуација со ситуацијата во сириската граѓанска војна во 2010 година и подемот на ИСИС.

„Сегашниот конфликт не е идентичен со тој, но има сличности. И некои фактори кои, ако ништо друго, предизвикуваат страв од нешто уште полошо“, рече тој.

„Снимките од бомбашки напади и мртви луѓе тогаш имаа драматичен ефект, а денес ги има уште повеќе“, вели тој.

Повлече уште една паралела – се работи за конфликтот на Блискиот Исток.

„За исламистите, тоа е конфликт на сите: Евреите против муслиманите, Светата земја, Ерусалим. Не можеше да биде појасно“, додаде тој.

Нојман истакна дека многу луѓе веројатно би сакале да се борат на лице место.

„Но, за разлика од случајот со Сирија, нема можност за тоа. Хамас нема традиција на странски борци и не е така лесно да се влезе во Појасот Газа“, објасни тој.

Според него, идејата за индивидуален терористички сторител меѓу џихадистите сега е толку раширена што не се потребни мрежи за да се стане „војник“ или дури „маченик“.

„Тоа значи дека независно од Хамас и ИСИС, поединечни радикали можат да нападнат во секое време“, посочи тој.

Затоа Нојман бара властите сега да се справат со овој феномен.

07.11.2023 - 14:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега