Детектор анкета: Над 40% од граѓаните сметаат дека Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ

Граѓаните не негуваат некој оптимизам дека Македонија наскоро ќе стане членка на Европската Унија. Напротив, најголемото мнозинство или 42,1% од анкетираните се на ставот дека земјава никогаш нема да стане дел од ЕУ, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него,  16,1% очекуваат членство во наредните 10 години, 14,3% во наредните 15, а 8,7% очекуваат да се зачлениме во наредните 5 години.
Само 1,7% од анкетираните се оптимисти дека во ЕУ ќе се зачлениме идната година.


Споредбата со анкетите на Детектор од последните 4 години покажува дека денеска граѓаните се најголеми песимисти, односно никогаш не бил поголем бројот на анкетирани граѓани кои се на ставот дека никогаш нема да се зачлениме во ЕУ. Ако оваа бројка во 2019 изнесувала 22,2%, денешните 42,1% се речи си двојно зголемување.
За речиси15 пати паднал бројот на граѓани кои во 2019 сметале дека во ЕУ ќе влеземе следната година. Ако тогаш оптимисти биле дури 15,4% од анкетираните, денеска, 4 години подоцна, членство во ЕУ идната година очекуваат само 1,7%.
Слична е ситуацијата и кај категоријата граѓани кои очекуваат членство во ЕУ во следните 5 години. Од 27,2 во 2019, дека ќе се зачлениме во ЕУ во наредните 5 години денеска веруваат 3 пати помалку граѓани или само 8,7%.

Гледано по региони, најголем е песимизмот во источниот регион каде 61,8% од граѓаните сметаат дека никогаш нема да станеме членка на ЕУ. Најголеми евро-оптимисти се граѓаните на полошкиот регион каде само 17,3% сметаат дека никогаш нема да станеме дел од ЕУ.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници

28.05.2023 - 20:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега