Бочварски: Поедноставените процедури за поставување фотоволтаици носат резултати

Транзицијата кон зелена енергија е примерен фокус и потреба повеќе од било кога и во таа насока Министерството за транспорт и врски ја поедностави процедурата за поставување на фотоволтаици со што добиваме самоодржливи домаќинства и компании, но и го помагаме централниот електроенергетски систем, истакна денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во Богданци, од каде почнува кампањата за промоција на новите процедури за поставување на фотонапонски електроцентрали.

Како што информира Министерството за транспорт и врски, со новите поедноставени процедури кои се влезени на сила, покрај изработка на основен проект, до локалната самоуправа потребно е да се достави само известување за поставување на фотоволтаици со што се намалува постапката од 30 дена на само 1 ден.

-Ова е најупростена постапка за поставување на фотоволтаици која содржи само неколку чекори, а тоа е: Подготвување на основен проект со две фази и тоа со архитектура и електрика, како и поднесување на известување до Општината, преку која граѓанинот ја информира општината дека пристапува кон поставување на енергетски објект на својот покрив. Како држава сме подготвени да му помогнеме на електроенергетскиот систем на државата, но и да си помогнеме самите себе и да придонесеме за плаќање на помали сметки за електрична енергија. Ова е почеток на оваа промоција и ги повикувам сите граѓани кои се заинтересирани да постават фотоволтаци и да влијаат врз намалување на електричната енергија, изјави министерот Бочварски.

Министерот Бочварски денеска во Богданци се сретна со Никола Гогов, жител на Богданци, кој ги искористи новите процедури за поставување на фотоволтаици.

-Особено е важно фотонапонската централа да се искористи за да се поврзете со сопствените електрични уреди во домаќинството вклучително и греењето. Јас тоа го направив, ги искористив новите скратени процедури и сметам дека тоа е важна и исплатлива инвестиција, изјави Гогов.

Министерството за транспорт и врски и во следниот период ќе продолжи со промоција на новите поедноставени процедури и во другите општини низ државата. 

25.11.2022 - 17:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа