Арсовска: Град Скопје нема да го изгаси јавното осветлување на улиците и булеварите
Град Скопје нема под ниту едни услови да го изгаси јавното осветлување на улиците и булеварите под надлежност на градот, изјави денеска на прес-конференција скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Ова, како што посочи Арсовска, е во насока на безбедноста и сигурноста на граѓаните.
– Ќе направиме се што е возможно, да се намалат трошоците за електрична енергија, меѓутоа не врз грбот на граѓаните и со тоа што ќе биде загрозена безбедноста и сигурноста на градските булевари и улици, изјави Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање за најавените мерки и препораки за штедење на електрична енергија.
Мерките и препораките, посочи Арсовска, ќе бидат доставени до јавните претпријатија и институции до крајот на денот, по што ќе бидат и објавени.
– Започнавме со процес на намалување на интензитетот на лед светлата на уличното осветлување и тоа до максимум 70 проценти од моќноста, а во насока на штедење на електрична енергија. Ќе се приспособат системите за осветлување на одредени временски интервали, согласно соодветната потреба во текот на деноноќието, а се пристапува и кон етапна замена и користење на лед светилки, кои трошат за 85 проценти помалку електрична енергија од обичните светилки, изјави Арсовска.
Дадени се насоки, рече Арсовска, за ограничување на се што се смета за осветлување кое не е од животно значење, како што е ограничување на осветлувањето врз јавните згради и рекламите.
– Издадовме насоки за рационално користење на уредите во објектите, при јавните претпријатија и правиме значително кратење на непродуктивните трошоци, појасни Арсовска.
Секоја општина, нагласи Арсовска, си креира сопствени мерки за штедење, затоа што имаат автономија во своето одлучување, додека Градот Скопје, како што посочи, донел само краткорочни и долгорочни мерки кои што треба да придонесат за штедење на електрична енергија и преминување кон транзициони и обновливи извори на енергија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа